Живата ограда е прекрасен декоративен елемент на секоја градина. Во денешно време постојат најразлични садници со кои може да направите вашата градина да изгледа како желбите од вашите соништа. Сеедно за кој вид садница ќе се определите, дали ќе биде , Photinija, Prunus laurocerasus, Cupressus Leylandii или нешто сосема различно потребно е да се запазат сите потребни агротехнички мерки од избор на садници, садење и нега, за потоа да може да уживате во постигнатиот резултат.
Важен украс во дворот
Освен што може да е одличен украс оградата може да има улога на жив ѕид кој ќе го оддели вашиот двор со оној на соседот или пак да ве скрие од љубопитните очи на минувачите.
Покрај желбата и посакуваната цел во изборот на садницата треба да се внимава на самиот простор, почвата како и изложеноста на ветер и сонце.
Што и да се одбере од постоечките садници, живата ограда ќе биде убава и функционална доколку е правилно посадена и се води соодветна грижа за неа.
Постојат повеќе видови, но во овој текст ќе се задржиме на: Thuja, Phоtinija, Prunus laurocerasus, Cupressus Leylandii.

Thuja – комбинација на украс и функционалност во живата ограда
Thuja е име на зимзелено растение кое е најпопуларно во подигнувањето на жива ограда. Има повеќе сорти од овој вид но на нашите простори најпопуларна е THUJA SMARAGD. Ја нарекуваат смарагдна кралица и не случајно се наоѓа на врвот на листата на барани сорти. За ова се заслужни нејзините карактеристики. Како и сите други и оваа има предности и недостатоци.
Предности
-Долг животен век кој се движи од 50 – 100 години;-Овој зимзелен вид ја задржува својата зелена боја и е декоративна во текот на целата година;
-Толерира кроење еднаш до два пати годишно.
-Многу издржлива е на ниски температури мин -25 степени Ц;
-Го подобрува воздухот во атмосферата

Недостатоци
-Потребна е заштита на младите примероци посебно од мраз;
-Можно е игличките да изгорат од директна сончева топлина;
-Цените се високи.

Со правилна нега и прихрана годишно може да расте по 20 -40 см. Се сади на растојание од 80 – 100см и се полева со вода 3-4 пати неделно во зависност од висината на температурата. Може да се сади во саксии или директно во почва.

Photinia – одличен украс за жива ограда
Фoтинијата е одличен избор доколку сакате густа жива ограда.Станува збор за брзорастечки зимзелен вид која може да ги задоволи вкусовите и на најпребирливите. Нема големи барања и лесно се одржува. Издржлива е на ниски температури. Трајна е во текот на целата година. Има прекрасна боја на листовите кои од зелени преминуваат во црвена така што може да биде и одличен украс во дворот. Годишно расте по 30 -40см и со добра нега може да достигне 3-5 метри висина.

Предности
-Успева на секакви почви;
-Може да се сади во текот на целата година
-Мдеална е за жива ограда бидејќи лесно го поднесува кроењето кое може да се прави два пати годишно;
Недостатоци скоро и да нема, тоа се само барања во текот на негата.
-Сака сонце и полусенка;
-Бара редовно полевање и прихрана за да има добар раст , а и да дојдат до израз црвените лисја;
-Младите садници треба да се заштитат од мрзнење.

Фoтинијата може да се сади во саксија за на тераса или директно во почва. Доколку се користи за формирање жива ограда растојанието на кое треба да се сади треба да изнесува од 60 -75см. Иако може да се сади во текот на целата година(само да не е земјата замрзната) најповолен период за садење е на есен во средината од септември до октомври или на пролет во средината на март до април. Се препорачува пред садењето, доколку коренот на садниците не е во земја, добро да се полеат со вода.

Prunus laurocerasus – зимзелено компактно растение за жива ограда
Prunus laurocerasus – станува збор за зимзелено растение кое се карактеризира со голема компактност за формирање жива ограда. Има крупни лисја со изразито зелена боја која е присутна во текот на целата година. Се одликува со голема отпорност на температурни разлики, така што со соодветна грижа може да достигне висина од 3-5 метри и густа крошна која со добро режење може да се постигне декоративни форми.

Предности
-Издржлива на ниски и високи температури -25̊ С до +40̊С;
-Повеќегодишно растение;
-Може да се сади и во саксии и директно во почва;
-Отпорно на инсекти.
Недостатоци
-Бара сонце или полусенка;
-Бара полевање 3-4 пати неделно.
Се сади на растојание од 80 -100см и со соодветна нега годишно може да порасне од 50 -60 см.

Cupressus Leylandii – брзорастечки вид најдобар чистач на воздухот
Cupressus Leylandii – Атрактивен чемпрес кој се смета за најбрзорастечки вид одличен за жива ограда. Слично како и Prunus laurocerasus со добра нега може да се постигне посакуваната цел. Ја задржува зелената боја во текот на целата година и се смета за еден од најдобрите прочистувачи на воздух . Може да достигне висина до 6 метри.
Предности
-Повеќегодишно зимзелено растение;
-Толерантно на високи и ниски температури од +40̊С до -20̊С;
-Одлично за заштита од ветрови-прочистувач на загаден воздух од сообраќајот;
-Корисен за звучна бариера.
Недостатоци
Скоро и да ги нема. Како и останатите зимзелени растенија бара сонце или полусенка како и наводнување неколку пати во неделата.
Бидејќи е брзорастечко растение се сади на растојание од 80 – 100 см. На годишно ниво може да порасне до 80 см. Може да се крои 2-3 пати годишно.
Избор на садници
Денес на пазарот може да се најдат најразлични видови на садници. Саден материјал може и самите да си произведете со семиња, но тој е тежок и долг процес и го прават само стручни лица. Најдобро е да набавите садници од некој расадник или продавница. Откако ќе одлучите каква жива ограда сакате ќе набавите садници кои се на возраст 2-3 години и веќе имаат добро развиен кроенов систем. Ваквите садници побрзо се прилагодуваат на почвата каде ќе бидат посадени.
Кога се садат садници за жива ограда?
Напомена: Изборот на време, кога се сади садницата и на место , каде ќе се сади, се два многу важни сегменти од кои подоцна зависи квалитетот и изгледот на оградата.
При подигнување на жива ограда најпоставувано прашање е во кој период од годината треба да се сади? Садниците може да се садат во пролет или есен.
Самото садење зависи од големината на садниците како и целта што се сака да се постигне. Пролетта се смета за одлично време за набавка на садници. Доколку садницата е во саксија може да се сади во било кое време од годината, само да не е земјата замрзната. Доколку садницата не е во саксија тогаш најдобро е веднаш да се засади. Доколку коренот на садниците не е многу развиен тогаш подобро време за садење е пролетта, за даможе до следната зима коренот подобро да се развие, добро да се вкорени во земјата со што полесно ќе може да ги издржи студените месеци.
Подготовка на почва и садење
Почвата во која ќе се садат садниците не треба да биде нити многу лесна, пропустлива, нити многу тешка. Пред да се почне со копање потребно е да се обележи местото каде ќе биде оградата. Тоа се се прави со оптегнување на конец од едниот до другиот крај на местото. Длабочината на ровот треба да биде од 60 -80см.
На дното од ископаниот ров треба да се истури дренажен слој околу 15 см (песок, чакал или скршени тули) кој што има улога на задржување на влагата. Потоа се става слој од почва помешана со хумус (15л), тресет (5-7л) и комплексно ѓубриво азот-фосфор-калиум (100-120).
Многу важно е почвата да биде навлажнета за да може коренот од садницата подобро да ја прифати.
Потоа садниците се ставаат во ровот при што треба да се внимава, вратот на садницата да биде на исто ниво со ровот. Се покрива кореновиот ситем со земја и добро се набива околу садницата. Откако ќе се покријат со земја садниците добро се налеваат со вода. По налевањето земјата ќе спадне така што околу садниците треба да се дотури компост.
Доколку сопственикот сака погуста ограда садниците може да ги засади во два реда во форма зик-зак.
Растојанието на кое треба да се садат садниците зависи од тоа што сака сопственикот да постигне. Доколку сака оградата да биде погуста тогаш на растојание од еден метар треба да се засадат 2-3 садници.
Нега и одржување на живата ограда
Навременото полевање на садниците е многу важно во одржувањето на оградата. Ова е особено важно во летната сезона. Треба да се внимава и на начинот како тоа се прави со цел да не се создаде кора која ќе ја стегне садницата и не ќе може да напредува. Ако е формирана кора тогаш треба садницата да се окопа и доколку има плевел да се отстрани.
Веднаш по садењето на садницата не и е потребна дополнителна прихрана бидејќи тоа е сторено уште при садењето. Подоцна за да напредува подобро може да се направи една прихрана во првата половина на месец мај и уште една на есен. За таа цел постојат посебни препарати што може да ги набавите во земјоделска аптека. Треба да се следи рзвојот на садниците и доколку се појавил некој штетник навреме да се реагира.
Правење форми се препорачува после втората година
Што се однесува до режењето и правењето форми на садниците, тоа не е препорачливо во првите две години, со цел да не се оштетат младите гранки што подоцна ќе треба да ја крепат формата.
На почетокот доволно е навреме да се полева со вода и да се прихранува. Може да се отстранат само оние гранки кои се исушени или заболени.
Потребно е малку трпение додека се постигне посакуваната висина на садниците , после што може да се премине на режење и обликување. Тоа се прави со специјална опрема (ножици, пили и сл) и треба да се прави со големо внимание. Доколку не сте вешти во кроењето, најдобро е да повикате стручно лице, кое не само што ќе заврши работата побрзо, ќе ви даде и стручни совети за понатамошно одржување на оградата. Тие совети само ќе помогнат оградата од година во година да биде што поубава, а вие ќе можете да уживате во нејзината убавина.
Советодавен центар за земјоделство и рурален развој