Некогаш била деликатес резервиран само за кралските семејства, а денес е еден од најпопуларните зеленчуци – зелена салата (марула). Денес, зелената салата е најпопуларната салата во светот. Некои статистики покажуваат и дека е втора на листата зеленчуци сметано по консумацијата, веднаш зад компирот. Нејзината ниска калорична вредност и ниски маснотии од една, а од друга страна богата со витамини и протеини ја прави за една од најздравите, а со тоа и најбараните зеленчуци. Лесна е за одгледување така што секој може да ја има во своите градини. Има кус период на вегетација што овозможува да ја има во текот на целата година. Како? Прочитајте подолу.
Зелена салата најбаран листен зеленчук
Зелена салата или марула е едногодишно растение со латинско име Lactuca sativa. Најчесто се одгледува како лиснат зеленчук и се користи за салати, иако може да се сретне и во други видови храна, како што се супи, сендвичи и обвивки.
Постојат шест општо признаени сортни групи на зелена салата (марула), подредени по формата што ја имаат и стуктурата на листовите. Во зависност од карактеристиките што ги имаат во рамките на секоја сортна група има стотици сорти на марули.
Историски гледано марулата во исхраната се користела повеќе од 4 500 години. Доказ за тоа се слики во некои египеткси гробници. Покрај за храна таа се користела и како лек.
Придобивки на зелената салата
Зелената салата е една од најбараните салати на пазарите. Ова оттаму што може да се купи во текот на целата година, а има одлични нутритивни карактеристики. Заради нејзиниот свеж вкус често се користи во исхраната, а поради некои биолошки карактеристики се препорачува и во исхраната на болни луѓе. Често се користи и во диеталната храна бидејќи е богата со растителни влакна, ја подобрува работата на дигестивниот тракт, а особено се практикува кај диетите бидејќи го апсорбира шеќерот и овозможува негово постапно искористување во организмот.
Се смета за ниско калорична храна. Од хранливи вредности најмногу има јагленохидрати, а воопшто нема маснотии, има 94% вода.
Во 100 гр зелена салата има:
- Калории (kcal) 14
- Липиди 0,2г
Заситени масти 0 гр
- Холестерол 0мгр
- Натриум 28 мг
- Калиум 194мг
- Јаглехидрати 2,9г
Прехранбени влакна1,3г
- Белковини 1,4 мг
- Витамини: Ц 9,2 мг; Б6 0,1мг; Д 0 IU
Минерали
- Калциум 36мг;
- Железо 0,9мг;
- Магнезиум 13 мг
Зошто треба зелената салата почесто да се консумира?
Јадењето зелена салата не само што освежува туку има и смирувачко дејство доколку се јаде во големи количини. Ова се должи на нејзиниот млечен сок во нејзиниот состав. Во минатото грчките лекари оваа салата ја користеле за лечење несоница.
При купувањето на зелена салата треба да се внимава таа да биде зелена и без дамки на нејзините листови. Треба да се избегнуваат оние со ожолтени лисја и кафеави дамки бидејќи тие имаат намалена витаминска вредност и брзо се расипуваат.
Зелената салата најдобро е да се јаде свежа, зачинета со лимонов сок и секогаш пред главно јадење. Пред употреба треба добро да се измие.
Бидејќи е нежна и лесно расиплива треба да се чува во фрижидер и да се внимава да не се држи во близина на банани и јаболка. Тие испуштаат гас етилен кој го забрзува расипувањето на салатата.
Одгледување зелена салата
Зелената салата е релативно лесна за одгледување и нема големи барања во текот на развојот освен обилно наводнување. Одгледувањето може да биде на отворено или во затворен (контролиран) простор. Сепак каков и да е начинот на одгледување треба да бидат запазени одредени агроеколошки и агротехнички мерки. Постоењето на голем број сорти овозможува одгледување на зелената салата во текот на целата година. Според сезоната на садење и берење има: летна, есенска и зимска зелена салата.
Агроеколошки услови
- Температура
- Вода
- Почва
Температурата е еден од назначајните агроеколошки услови и од големо значење за правилен развој на салатата. За одгледување на отворено најпогодни периоди се пролетта и есента. Најдобро е темпераурата да биде во интервалот од 15 – 20 ̊ целзиусови . Повисока или пониска температура од овој интервал се одразува на квалитетот и на приносот на зелената салата.Семето засадено на оваа температура никнува за 2-4 дена. Во зависност од сортата после 45-55 дена може да се организира берба.
Водата е исто така многу важна, осбено ако периодот кога се сади салатата е сушен. Водата е неопходна и игра огромна улога во правилниот склоп на растението. Количината на вода многу зависи и од почвата, колку таа може да ја задржи влагата. На 1м2 површина потребни се 15л вода. Наводнувањето се врши со оросување или преку система капка по капка.
Почвата е третиот услов на кој треба да се пристапи со внимание. Ровка, хумусна почва богата со органски материи би било најдобро. Одгледувањето на отворено и во контролирани услови е различно и треба да се внимава на PH вредноста на почвата. Ако се земе превид фактот што оваа култура не поднесува големи концентрации на сол, за оптимална вредност на почва се зема онаа со индекс од 6,0 – 6,5-7.
Агротехнички мерки
- Плодоред
- Обработка на почва
- Ѓубрење
- Сеидба
- Садење
- Берба
Плодоред
Изборот на локација за садење е многу важен. Зелената салата сака сонце и светлина, затоа треба да се внимава да не се сади во близина на други растенија кои би можело да ѝ направат сенка. Таа поднесува подолго време да биде застапена на една површина, но сепак добро би било да има преткултура. За таа цел добри се мешунките и зрнестите култури. За добри соседи на салатат се сметаат кромид, зелка и ротквици. Може да се сади до грав, грашок, јагоди, спанаќ. Бидејќи зелената салата може да се сади 2-3 пати годишно, може да се сади на почва по бербата на моркови, кромид и лук како и ран компир.
Обработка на почва при одгледување зелена салата
Површината наменета за зелена салата се заорува на длабочина од 20 – 25 см. Салата не развива голем коренов систем при што минералните ѓубрива не се заоруваат туку се ставаат на површината. Коренот е плиток и храната од ваквите ѓубрива ќе стигне до него преку редовните налевања со вода. Пред садење потребно е површината добро да се израмни.
Ѓубрење
Пред самата сеидба добро е да се стави минерално ѓубриво NPK, но количините ќе зависат врз основа на извршената агрохемиска анализа на почвата. Во текот на растот зелената салата може да се прихрани со комбинирано ѓубриво KAN.
Сеидба и садење
Од квалитетот на семето многу зависи идниот принос. Најдобро е тоа да се набавува од сертифициран репро центар кој ќе ви го гарантира квалитетот. Во спротивно потребно е семето да го дезинфицирате како превентива од болести. За таа цел може да се стави семето во топла вода. Освен во топла вода може да се потопи во раствор од калиум перманган околу 15-20 минути. За подобри резултати семето може да се натопи и во стимуланс за раст. Семето на зелената салата не е многу големо, но доволно ситно за да се сее посебно семка по семка.
Семето на салатата е многу издржливо на ниски температури , но има одличен развој на долг ден. Во зависност од сортата семето се сее во редови на растојание од 20 -30см. Семето се става на длабочина од 1,5-2 см на претходно наводенет ред. Кога ќе се стави семето во редот се покрива со ровка земја. Откако ќе никне потребно е тоа да се ретчи додека се постигне доволно растојание за развој на растението. При одгледување на зелена салата предност се става на одгледување преку садници (расад) бидејќи тогаш салатата рамномерно се развива а се троши и помалку семе. По сеењето при оптимални услови растението ќе никне за три седмици. Ако се пресадува треба многу да се внимава при манипулацијата бидејќи е нежно, а самото преместување на садницата од едно на друго место претставува шок за растението.
Нега на зелената салата
Веднаш по сеењето не е потребна дополнителна прихрана на насадот. Доволна е онаа храна од ѓубрењето пред сеењето. Доколку насадот не се развива добро, а ливчињата пожолтуваат, по 10-12 дена од сеидбата може да се прихрани со слаб раствор од уреа.
Во текот на развојот салатата може да биде нападната од некои штетници или болест. Со оглед на тоа што салатата има краток рок на вегетација не се препорачува примена на хемиски средства. Најдобро е заболеното растение да се откорни.
Берба на зелена салата
Салатата се бери кога ќе достигне соодветна зрелост, а лисјата ќе достигнат соодветна големина. Срцето на салатата станува густо и затегнато на допир. Треба да се внимава на бербата и да не се дозволи растението да презрее и да расцвета бидејќи го менува вкусот и ги губи оние нутритивни вредности по кои се препорачува да биде што повеќе застапена во исхраната.
Бербата на салатата треба да се врши по суво време, рачно или машински. Бидејќи листовите на салатата се многу нежни треба да се внимава при маниулацијата од сечењето од коренот до нејзино складирање и транспорт до пазарите. По бербата салатата се одлага во картонски кутии или гајби и се складира во ладилници. Таму може да се чува 2-3 недели на температура од 1-2̊ С.
Советодавен центар за земјоделство и рурален развој