На прагот сме на нова производна сезона па добро е да потсетиме што е плодоред и зошто треба да се почитува?
Што е плодоред?
Плодоред значи одгледување на растителни култури по одреден редослед, како по време така и по простор. Всушност тоа е план која култура кога и каде треба да се одгледува. Досегашните искуства покажуваат дека со одгледување на една култура на едно место, како монокултура, значително се намалуваат приносите. Со примената на плодоредот доаѓа до поголема искористеност на условите каде се одгледува растението. Тоа значи подобро искористување на надворешните (климатските ) услови како и биолошките разлики на самите култури.
Примена на плодоред и негова оправданост
Секоја култура има различни биолошки својства. При одгледувањето кореновиот систем излачува материи кои наредната година, доколку се одгледува пак иста култура, тие материи може да ѝ наштетат што може да резултира со намален принос.
Имајќи го предвид фактот што секоја култура има различни потреби, таа истовремено има и различно дејство врз структурата на почвата, различно искористување на органските и минералните материи. Исто така секоја култура има различно искористување на водните ресурси и различно реагира на одредени болести, штетници или плевели.
Искуството покажува дека некои растенија ја осиромашуваат почвата, додека други ја подобруваат структурата на почвата. Оттука се јавува оправданоста од примена на плодоред кој треба редовно да се применува за да се избегнат негативните влијанија при одгледување на монокултури.
Правила во плодоредот
При плодоред треба да се внимава на одржувањето на структурата на почвата на тој начин што после култури со плиток коренов систем следат култури со длабок коренов систем.
Културите се менуваат според биомасата на кореновиот систем, дали е мала или голема и како го користат или трошат азотот. Едни култури го фиксираат азотот од атмосферата додека други го трошат. Оние култури што трошат азот треба да се одгледуваат после оние што го фиксираат од атмосферата.
Треба да се менуваат лиснати , коренасти култури со житарци со цел да се намали плевелот како и намалување на опасност од евентуални болести.
На површина каде се одгледувале легуминозни растенија за кои се знае дека ја збогатуваат попчвата со азот, на нивно место треба да дојдат растенија на кои им е потребна плодна почва. Се препорачува одгледување на пченка, но не и на житни култури бидејќи е можно полегнување на посевот.
Се препорачува житни култури да се одгелдуваат после окопни, но не и житни по житни или окопни по окопни.
СЦЗРР