Садењето зеленчук може да се прави и на есен и на пролет. Есенското садење има една предност со што на пролет ќе си дозволите да имате свеж зеленчук.
Со завршувањето на вегетацијата на претходните култури може да се пристапи кон активности за есенско садење на зеленчук. Месец октомври е најпогоден за садење на зеленчук на отворено. Временските прилики тоа го овозможуваат, а новите култури ќе имаат доволно време во својот развој да ги дочекаат подготвени зимските температури.
Кој зеленчук може да се сади во есен?
На нашето поднебје на отворено може да се садат лук, кромид, спанаќ, зелена салата, зелка и др.
За било која култура да се одлучите внимавајте да набавите квалитетни зимски сорти. Исто така треба да се почитуваат правилата на добра земјоделска пракса затоа што колку што ќе вложите толку и ќе добиете.
Откако ќе се отстранат остатоците од претходната култура се заорува почвата. Добро е да се наѓубри , но колку и со што ќе се ѓубри ќе се знае ако се направи агрохемиска анализа. Врз основа на резултатите од анализата и потребите на културата што ќе се сади зависи со што ќе се ѓубри.
Кромид и лук
Кромидот и лукот се едни од најстарите култури што се одгледуваат на отворено. Доколку ги посадите во октомври во зависност од временските прилики веќе во март април ќе имате младо лукче и кромитче.
За садење на кромид одберете здрав кокар и со приближна иста големина. Посадетет ги во претходно направени редови на растпојание од 20см а во редот се садат на растојание од 5 см на длабочина од 3-5 см.
Исто и за лукот треба да се одбере добро семе. Се земаат крупните чешниња и се садат во редови на растојание од 5-10см. Редовите треба да бидат на растојание од 20-40см.
Зимски спанаќ
Спанаќот е зеленчук кој добро ги поднесува ниските температури. Карактеристично за спанаќот е тоа што откако ќе развие 2-3 ливчиња во зимата мирува, за потоа напролет со зголемување на температурите да продолжи со растење. Спанаќот има ситно семе и се сади во леи. Со цел да се избегне преголема влага од евентуални врнежи леите треба да бидат така направени водата да не се задржува во нив.
Зелена салата
Зелената салата е еден од ретките зеленчуци кои имаат куса вегетација и во текот на годината може да има повеќе турнуси. За зимската салата на отворено во месец октомври тереба веќе да има готов расад. Се сади оној расад што веќе има развиено 2-3 ливчиња. Во зависност од сортата се сади во редот на растојание од 15-20 см. Редовите треба да бидат на растојание од 20-30см.
Зелка
Слично како и зелената салата и за овој зеленчук расадот се прави порано, за сега да се пристапи кон негово садење. За разлика од претходните култури зелката се сади во подлабоки редови со што ќе биде заштитена од зимските температури. Предноста на есенското садење на зелка е во тоа што таа стигнува за берба порано за 20 дена од онаа зелка што се сади на пролет во текот на месец април.
Садењето на сите зеленчуци се врши по ведро и мирно време. Доколку временските услови тоа го дозволуваат може да се сади и до втората половина на месец ноември. Важно е садниците добро да се вкоренат за да може полесно да презимат, а во зависност од сортата може да постигнат и повисоки приноси.
СЦЗРР