Теренска кампања на МЗШВ за ИПАРД 3 Програмата

Теренска кампања на МЗШВ за ИПАРД 3 Програмата

Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнатсво, денеска во Скопје се одржа настан со кој официјално беше означен почетокот на теренска кампања за  ИПАРД 3 програмата.

Како што соопштуваат од МЗШВ, на настанот беше презентирана новата ИПАРД 3 програма која е различна од ИПАРД 2 по неколку основи. Покрај 4-те веќе акредитирани мерки од ИПАРД 2, ќе се акредитираат дополнителни 4 мерки, и тоа Мерка за рурална инфраструктура, Мерка за ЛАГО-вите за локален економски развој, Мерка за  Агро-екологија, клима и органско производство што ќе придонесе за заштита на животната средина и надминување на влијанието од климатските промени и Мерка за советодавни услуги.

Министерот Николовски ги информираше присутните градоначалници, за новата Мерка за рурална инфраструктура која ќе биде акредитирана во 2024 година и која е наменета за општините. На располагање ќе имаат буџет од 17 милиони евра за инвестиции во обновливи извори на енергија, локална патна ифраструктура, водовод и канализација за поголем развој на руралните подрачја. Се воведува и нов начин во обезбедување на потребната документација, ќе се  користи електронски системи за набавка на документи од Централен регистар, со што ќе се поедностави, олесни и забрза процесот и ќе се намалат трошоците за корисниците.

А најголемата новост е тоа што со ИПАРД 3 се овозможува авансна исплата до 50% од висината на финансиската поддршка, веднаш по потпишување на договорот, што ќе биде големо олеснување за побрза раелизација на сите инвестиции и голема финансиска помош за полесен старт на проектите.

Во текот на мај и јуни ќе биде спроведена интензивна теренска информативна кампања во сите региони, пред да биде објавен првиот повик од ИПАРД 3 програмата кој треба да се објави кон крајот на јуни.

Советодавен центар за земјоделство и рурален развој Битола им стои на располагање на сите заинтересирани лица за секаква информација за ИПАРД 3 програмата чии повици се очекуваат за два месеца. Можете да ни пишувате на kontakt@sovetodavna.mk  или да ни се јавувате на тел. бр. 072 251 263  /  070 934 439  /  076 749 833 или да дојдите во просториите на центарот на Ул. Панда Чеснова бр.6 Стара Битолска Чаршија.

СЦЗРР