Цинкот е микроелемент кој земјоделските култури го користат во многу мали количини, но неговата улога во растот и развојот на растенијата е исклучително значајна. Кај пченката, цинкот претставува составен дел на голем број ензими и протеини и учествува во бројни физиолошки процеси како што се синтезата на протеини, активирањето на ензимите, производството на енергија и регулирањето на растот.
Покрај тоа, цинкот има важна улога во фотосинтезата, синтезата на растежните хормони (оксини), транскрипцијата на ДНК и развојот на кореновиот систем. Поради тоа, недостигот на цинк може значително да влијае врз растот, развојот и приносот на пченката.
Препознавањето на симптомите од недостаток на цинк, разбирањето на причините за неговата појава и навременото преземање мерки за корекција претставуваат важен предуслов за успешно и профитабилно производство на пченка.
Симптоми на недостаток на цинк
Интензитетот на симптомите може да варира во зависност од временските услови, типот на почвата и степенот на недостаток.
Доколку симптомите се појават многу рано на првите листови, а потоа исчезнат кај новоформираните листови, најчесто станува збор за привремен недостаток предизвикан од ладна и влажна почва. Во такви услови развојот на коренот е ограничен, а со тоа се намалува и способноста на растението да апсорбира цинк.
Најкарактеристичен симптом е појавата на светложолти до белузлави ленти помеѓу жилите на младите листови. Овие ленти најчесто се формираат од двете страни на средното ребро, додека рабовите на листот остануваат зелени.
Кај поизразен недостаток на цинк може да се забележи:
- забавен раст на растението;
- скратени интернодули;
- помали листови;
- слаб развој на кореновиот систем;
- намален волумен на коренот;
- нерамномерен развој на посевот.
Во подоцнежните фази од развојот, недостатокот на цинк може да предизвика доцнење во формирањето на ресите и свилата, што директно влијае врз опрашувањето и формирањето на зрното.
Во екстремни случаи се јавува појавата позната како „бела пупка“, при што горните листови и врвот на растението стануваат речиси целосно бели, а растението може значително да заостане во развојот или целосно да пропадне.
Дијагноза
Недостатокот на цинк може сериозно да го ограничи приносот на пченката доколку не се открие навреме.
За точна дијагноза се препорачува:
- агрохемиска анализа на почвата;
- анализа на растително ткиво;
- визуелно следење на симптомите во текот на вегетацијата.
Комбинирањето на овие методи овозможува навремено откривање на проблемот и правилен избор на мерки за корекција.
Кога најчесто се јавува недостаток на цинк?
Недостатокот на цинк најчесто се појавува во услови кога неговата достапност во почвата е намалена, иако вкупната количина на цинк може да биде задоволителна.
Поголем ризик од појава на недостаток постои кај:
- почви со висока pH вредност (алкални почви);
- почви сиромашни со органска материја;
- песокливи почви;
- студени и влажни почви во рана пролет;
- почви со висока содржина на фосфор;
- почви со намалена биолошка активност и слаб коренов развој.
Во вакви услови растенијата потешко го усвојуваат цинкот, поради што симптомите може да се појават уште во раните фази од развојот на пченката.
Природни извори и достапност на цинкот во почвата
Цинкот природно потекнува од минералите и карпите од кои е формирана почвата. Неговата достапност за растенијата зависи од повеќе фактори, меѓу кои типот на почвата, pH вредноста, содржината на органска материја и влажноста.
Почвите со ниска содржина на органска материја, песокливите почви и почвите со висока pH вредност најчесто имаат помала достапност на цинк за растенијата.
Иако вкупната количина на цинк во почвата може да биде релативно висока, најголемиот дел се наоѓа во форми кои се тешко достапни за растенијата. Пченката може да го користи само цинкот кој се наоѓа во почвениот раствор или е врзан во лесно достапни форми.
Поради оваа причина, недостаток на цинк може да се појави и на почви кои содржат значителни количини од овој микроелемент.
Наш совет
Пред да се пристапи кон корекција на недостатокот на цинк, препорачливо е да се направи анализа на почвата, бидејќи симптомите понекогаш може да се помешаат со недостаток на други хранливи елементи или со стрес предизвикан од неповолни временски услови.
Доколку анализата покаже ниска содржина на достапен цинк, неговото ниво во почвата може да се зголеми преку примена на минерални ѓубрива кои содржат цинк, како што се цинк-сулфатот или гранулирани NPK ѓубрива збогатени со цинк. Воедно, редовното внесување на органска материја преку арско ѓубриво, компост или зелено ѓубрење придонесува за подобрување на достапноста на цинкот во почвата и негово поефикасно усвојување од страна на растенијата.
Фолијарната апликација на цинк претставува брз и ефикасен начин за корекција на недостатокот, особено кога симптомите се забележуваат во раните фази од развојот на пченката. Најдобри резултати се постигнуваат кога третманите се изведуваат во фазите од 4 до 8 листа, кога растението има најголема потреба од овој микроелемент. За таа цел може да се користат препарати на база на цинк-сулфат или хелатен цинк, согласно препораките на производителот.
Сепак, фолијарните третмани претставуваат краткорочно решение. Кај почви со хроничен недостаток на цинк, долгорочниот успех се постигнува преку правилно управување со плодноста на почвата, редовно следење на содржината на микроелементи и примена на избалансирана програма за ѓубрење.
Навременото препознавање и корекција на недостатокот на цинк овозможува подобар развој на кореновиот систем, поефикасно искористување на хранливите материи и постигнување повисоки и поквалитетни приноси кај пченката.




