Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави повикот за ИПАРД програмата мерка 1 – Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства
Финансиската поддршка за овој Јавен повик е составена од 75% средства обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) согласно ИПАРД Програмата 2021-2027 и 25% средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.
Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ од:
Највисокото кумулативно/комбинирано ниво на поддршка не смее да надминува 75%.
- 60% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за мерка Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства.
- Процентот се зголемува до 65% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области согласно Листата на планински области и
- 70% за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка)
Крајниот рок за поднесување на барањата е 29 март 2025 година
Вкупната финансиска поддршка во рамки на овој јавен повик за мерка 1 “Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ изнесува 7.415.335 евра или 456.154.330,88 денари.
Подигнување на обрасци и упатства:
Потребните обрасци како „Барање за финансиска поддршка од мерка 1 Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“, и „Упатство за корисници од мерка 1 Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“во кои се содржани сите информации за критериумите, условите за прифатливост на проектите и условите за финансирање и останати информации кои се неопходни за изготвување на барање за финансиска поддршка по соодветна мерка од ИПАРД Програмата 2021-2027, Упатство за изготвување на Деловен План / Технички Предлог Проект, Упатства за издавање на неопходната документација од надлежните институции и останати корисни информации во електронска верзија може да се превземат од веб-адресата на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.
Начин на поднесување на барањето:
Корисникот треба да пополни и поднесе Барање за финансиска поддршка за поединечна мерка, Деловен План или Технички предлог изработени согласно Упатството за изработка на Деловен План или Упатството за изработка на Технички предлог проект и придружна документација како што е наведена во овој Јавен Повик.
Пополнетото Барање за финансиска поддршка од соодветната мерка заедно со Деловниот план/Техничкиот предлог проект и целокупната потребна документација се доставуваат во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол “НЕ ОТВАРАЈ“ за Јавен повик ИПАРД Програма 2021-2027 број 01/2025 и назначување на мерката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по пошта како препорачана пратка или лично во писарницата на Агенцијата.