Влијанието на климатските промени секојденвно сè повеќе се чувствува. Долги сушни периоди и невремиња проследени со дожд и град стануваат наша реалност. Најчуствително на влијанието од климатските промени е земјоделството. Како да се зачува влагата во почвата станува најголем предизвик за земјоделските производители
Климатските промени предизвикуваат сè повеќе проблеми на обработливите површини. Промената во технологијата и со примена на соодветни агротехнички мерки може да се постигнат значајни резултати
Со мали вложувања можно е да се сочува влагата во почвата која е пресудна за постигнување на повиски приноси. Исто така има можност за надоместок на недостатокот на органските ѓубрива.
Анализа на почва неопходна мерка
Анализата на почвата т.е. контролирањето на плодноста на земјиштето е неопходен предуслов за да може да се донесе исправна одлука кои мерки треба да се преземат, дали треба да се ѓубри нивата, со колкави количини и кои елементи се потребни. Оваа постапка не е многу скапа, а може повеќекратно да помогне во спроведувањето на идните агротехнички мерки.
Се препорачува најмалку еднаш во рок од 5 години да се прави анализа на почва. Во нашата држава постојат повеќе акредитирани лаборатории кои прават најразлични анализи така што земјоделците не треба да ја занемарат оваа активност.
Цената на една анализа на земјиштето кај нас изнесува 1500 денари, а може да се добие и препорака од стручно лице.
Зачувување влага во почвата еден од најважните предуслови за големи приноси
Пролетните култури во последниве години трпат екстремно високи температури, и недостасува влага во почвата. Недостигаат дождови тогаш кога се најпотребни т.е. распоредот на дождовите во годината е нерамномерен. Се карактеризира со ретки обилни силни врнежи од дожд, а нема умерени и чести правилно распоредени врнежи.
Поради начинот на обработка на почвата таа нема способност да ги задржи ваките дождови во подлабоките слоеви, туку тие остануваат на површинскиот слој на почвата. Затоа кога ќе настапат жешки денови се јавуваат големи губитоци на влагата од почвата т.е. испарување.
Поради овие причини секое земјоделско стопанство мора да размислува да менува нешто во технологијата при обработката на земјиштето. Новите технологии треба да овозможат задржување на влагата во почвата.
Заорување на површината после жетва за зачувување на влага во почвата
Се препорачува после жетвата на пченицата и јачменот површината да се заора. Заорувањето се врши на 10-12 см длабочина и со тоа се врши превртување на површинскиот слој. Со преземањето на оваа операција се спречува брзото испарување на водата. Водата во растресито земјиште навлегува во подлабоките слоеви и се намалува испарувањето, а со тоа и губитоците на вода.
Покрај задржувањето на водата заорувањето е значајно за зголемување на содржината на хумусна материја во почвата. Жетвените остатоци остануваат внатре во почвата и може да го надополнат недостатокот на органско ѓубриво во почвата. Со ваков третман на почвата секогаш ќе имаме успешни резултати во производството и ќе го зголемиме приносот кај културите.
СЦЗРР