Пикирање на млади домати е процес на нивно пресадување од нивниот заеднички расадник во посебен, поголем простор за развој и раст на коренот, се со цел да се добијат садници.
Пикирањето е техника која најмногу се користи за домати и пиперки, но може да се користи и за други зеленчуци и цвеќиња.
На пикирањето му претходи садење на семе од домати
Садењето на семе од домaти на затворено, може да се направи во жардиниера, саксија или друг сад. Се чува во близина на прозорец бидејќи му е потребна светлина. Растенијата никнуваат за 7 дена, а по 20-25 дена кога ќе добијат два листа може да се пикираат. Некои ова го прават подоцна.
Пред берењето, почвата во расадникот треба да биде влажна, за да може полесно да се вадат младите растенија. За пикирање се користат посебни саксии, а може да помогнат и пластични чаши. Чашите се полнат со супстрат, кој се притиска. Супстратот добро се наводнува за да може коренот на садницата полесно да се вкорени. Таму расадот има поголем простор и ќе може подобро да напредува.
Длабочината на садење е до котиледонските ливчиња. Пикираните садници се чуваат на осветлено место со повремено полевање. За 40 – 60 дена ќе бидат подготвени за пресадување на отворено. Пред да се пресадат на отворено, пикираните садници се носат надвор за побрзо да се адаптираат на надворешните природни услови.