Садењето на лозовите садници може да се прави и во есен и во пролет. Сепак садењето во есен има свои предности за што стручните лица го препорачуваат. На тој начин коренот на садницата подобро ќе се в корени во земјата, полесно ќе ја издржи зимата и подготвен ќе ја дочека пролетната сезона.
Сеедно дали ќе се сади во пролет или есен треба со целосно внимание да се прiстапи на сите потребни активности за на крајот да се постигне посакуваниот резултат.
Подготовка на терен
Откако ќе се направи избор на терен , треба да се пристапи кон подготовка на почвата. Почвата треба да се исчисти од камења, стари корени, грмушки и сл. За таа цел се применува основно орање. Во зависност од показателите на хемиската анализа на почвата се врши и ѓубрење. Откако ќе се израмни теренот се одредува правецот на редовите и се врши маркирање каде ќе се копаат дупките за садење на лозите.
Прочитајте повеќе на што треба да се обрне внимание при Подигнување лозов насад.
Растојанието во и меѓу редовите е различно во зависност од сортата и намената на лозите. За вински сорти изнесува 2,3х1м , за трпезни 2,3х1,2м, а за одрина 3,0х1,5м.
Многу важен сегмент се садниците. Точно треба да се знае за која намена ќе бидат, дали за производство на вино или трпезно грозје, за точно да се одреди бројката што треба да се набави . Квалитетот на садниците е од големо значење за идните резултати. Садниот материјал мора да има сертификат за квалитет.
Подготовка на лозовите садници
Сеедно дали ќе ги садите во пролет или есен садниците треба да се подготват. Тие се садат кога се наоѓаат во фаза на мирување. Садењето се прави кога времето е ведро и суво. Есенското садење може да се врши сè додека земјата не е замрзната а температурата на воздухот е над нулата. А пролетното може да се прави кога водата во почвата е исцедена и времето почнува да се затоплува.
Лозовите садници пред да се стават во ископаните јами треба да се потопат во бакарен раствор за да се дезинфицираат. Доколку се чувале подолго време незаштитени, односно ако се суви, тогаш треба да се стават 24 часа да киснат во вода, па потоа да се дезинфициораат.
Садење на садниците
Подготвените садници се ставаат во претходно ископани јами. Големината на јамите треба да биде со димензии 40х40, а длабочината зависи од самиот калем. Пред да се стави во јамата се скратува коренот на садницата до 10-12см, а потоа се остава да отстои во смеса од говедска балега, земја и вода во размер 1:1:1.
Во јамата прво се става еден слој ровка плодна земја,а потоа садницата, малку закосена и да допира до колчето- маркер. Потоа се става слој земја и добро се нагазува. Над овој слој се става прегорено арско ѓубриво, внимавајќи да не е во директен допир до коренот. На крајот се додава ровка земја или песок. Доколку почвата нема доволно влага се додава и вода после што се става уште еден слој земја или песок.
СЦЗРР