Гниење на цветниот крај кај доматите и пиперките (Blossom End Rot)

Гниење на цветниот крај кај доматите и пиперките (Blossom End Rot)

Гниењето на цветниот крај не е болест предизвикана од инсект или патоген, туку претставува физиолошко нарушување кај доматите и пиперките, односно нарушување на нормалната физиологија на растението предизвикано од недостаток на калциум во плодот за време на неговиот развој.

Важно е да се нагласи дека ова не значи дека во почвата нема доволно калциум. Во многу случаи калциумот е присутен во почвата во доволни количини, но растението не е во состојба навремено да го транспортира до плодот. Бидејќи калциумот се движи низ растението преку ксилемот заедно со водата, секое нарушување во водниот режим може да доведе до недоволно снабдување на плодовите со овој важен елемент.

Симптоми

Првите симптоми на гниењето на цветниот крај се појавуваат додека плодот е сè уште зелен или во фаза на зреење. Најчесто се зафатени првите плодови формирани на растението.

Раниот симптом се манифестира како мала, воденкаста или светлокафеава дамка на цветниот крај од плодот. Со текот на времето, зафатеното ткиво се зголемува и добива темнокафеава до црна боја. Површината може да стане кожеста, сува и вдлабната.

Во одредени случаи може да се појави и внатрешно потемнување и гниење на ткивото во плодот, при што надворешните симптоми се слабо изразени или речиси незабележливи.

Причини за појава

Најчеста причина за појава на гниење на цветниот крај е нерамномерната влажност на почвата. Честото преминување од сушни кон премногу влажни услови ја нарушува способноста на растението да апсорбира и транспортира калциум до плодовите.

Кога потребите на плодот за калциум се поголеми од количината која растението може да ја достави, клеточните ѕидови не се развиваат правилно, што доведува до пропаѓање на ткивото на цветниот крај од плодот.

Во услови на високи температури и ниска релативна влажност на воздухот, транспирацијата преку листовите значително се зголемува. Во такви услови поголемиот дел од водата и калциумот се насочуваат кон листовите, додека плодовите остануваат недоволно снабдени. Поради оваа причина, појавата на гниење на цветниот крај е особено честа во текот на летните месеци.

Покрај неправилното наводнување, појавата на ова физиолошко нарушување може да биде поттикната и од:

  • Прекумерна употреба на азотни ѓубрива, особено оние кои содржат амониумски азот;
  • Високи концентрации на калиум и магнезиум во почвата кои може да ја влошат состојбата со гниење на крајот на цветот
  • Несоодветна pH вредност на почвата;
  • Висока засоленост на почвата;
  • Оштетување на кореновиот систем при обработка, пресадување или појава на почвени заболувања;
  • Слаб развој на кореновиот систем;
  • Преголем број плодови на растението во краток временски период.

Важно е да се напомене дека додавањето големи количини калциум во почвата не секогаш го решава проблемот. Многу почесто потребно е да се обезбедат услови кои ќе овозможат непречен транспорт на веќе присутниот калциум до плодовите.

Наш совет

За да се намали ризикот од појава на гниење на цветниот крај кај доматите и пиперките, производителите треба да посветат особено внимание на правилното управување со водниот режим и исхраната на растенијата.

Наводнувањето треба да биде редовно и рамномерно, без нагли промени од суша кон прекумерна влажност. Во периоди на високи температури се препорачува почвата да се одржува постојано умерено влажна.

Потребно е да се избегнува прекумерна употреба на азотни ѓубрива, особено во периодот на формирање и пораст на плодовите. Истовремено, треба да се внимава на рамнотежата помеѓу калциумот, калиумот и магнезиумот во програмата за прихрана.

Кај доматите, особено во заштитени простори, се препорачува редовно отстранување на вишокот вегетативна маса со цел да се намали конкуренцијата помеѓу листовите и плодовите за вода и хранливи материи.

Дополнително, превентивните фолијарни третмани со калциум во периодот на формирање на првите плодови можат да помогнат во намалување на ризикот од појава на ова физиолошко нарушување, но тие не можат целосно да ја заменат потребата од правилно наводнување и избалансирана исхрана на растенијата.

Навременото препознавање на симптомите и одржувањето на стабилни услови за раст се најдобрата заштита од појавата на гниење на цветниот крај кај доматите и пиперките.