Најчести нарушувања кај карфиолот и како да се спречат

Најчести нарушувања кај карфиолот и како да се спречат

Карфиолот (Brassica oleracea var. botrytis) е зеленчукова култура што бара внимателно планирање на производството, особено во однос на температурата, снабденоста со вода и хранливи материи. Карфиолот е многу чувствителен на температурни осцилации и стрес во текот на вегетацијата, што може директно да влијае врз формирањето, големината и квалитетот на главиците.

Неповолните услови може да предизвикаат растенијата воопшто да не формираат главица, да создадат ситни и деформирани главици или да доведат до промена на нивната боја и текстура. Овие нарушувања го намалуваат пазарниот квалитет на производот, а понекогаш и приносот.

За успешно производство, важно е навреме да се препознаат симптомите, да се утврдат можните причини и да се применат соодветни агротехнички мерки.

1. Отсуство на главица – „слепило“

Еден од проблемите со кои може да се соочат производителите е растението да развива бујна лисна маса, но да не формира главица во централниот дел.

Најчести причини:

  • Оштетување на вегетациската точка, односно централната точка на раст.
  • Нагли температурни промени во чувствителните фази на развој.
  • Несоодветен избор на сорта или неквалитетен саден материјал.
  • Неповолни услови за растење што го нарушуваат нормалниот развој на растението.

Како да се спречи?

Да се користи квалитетно семе и сорти приспособени на климатските услови и терминот на производство. Навремено да се засади расадот и да се избегнува изложување на младите растенија на екстремно ниски или високи температури.

2. Предвремено цветање

Предвременото цветање, односно преминувањето на растението во репродуктивна фаза пред формирањето на квалитетна главица, го прекинува нормалниот развој на културата. Растението развива цветно стебло и цветови наместо компактна главица погодна за пазарот.

Најчести причини:

Наглите температурни промени, несоодветниот термин на садење и стресот во раните фази на развојот може да го нарушат нормалниот вегетативен раст. Особено е важно да се избегне изложување на младите растенија на неповолни температурни услови.

Превентивни мерки:

Потребно е да се користат сорти со соодветна должина на вегетација за планираниот производствен период. Расадот треба постепено да се приспособи на надворешните услови пред пресадувањето.

3. Потемнување и промена на бојата на главиците

Квалитетната главица на карфиолот треба да има компактна структура и карактеристична боја за одгледуваната сорта. Појавата на кафеави, жолтеникави, црвеникави или виолетови промени може да биде последица на различни фактори.

Една од можните причини за потемнување е недостигот на бор, микроелемент важен за нормалниот развој на растителните ткива. Недостигот може да предизвика и деформации, промени во структурата и влошување на вкусот. Од друга страна, директното изложување на сонце може да предизвика пожолтување или кафеави дамки на главиците.

Што треба да преземат производителите?

Пред основното ѓубрење, препорачливо е да се направи анализа на почвата за да се утврди нејзината плодност и достапноста на хранливите материи. Ѓубрењето со бор треба да се спроведува само кога постојат индикации за недостиг и според стручни препораки, бидејќи разликата меѓу потребната и прекумерната количина може да биде мала.

Важно е да се има предвид дека промената на бојата не значи секогаш дека станува збор за недостаток на хранливи материи. Затоа, пред да се преземе корективна мерка, треба да се разгледаат и временските услови и целокупната состојба на растението.

4. Формирање ситни главици

Ова нарушување се препознава по формирањето мали, недоволно развиени главици. Наместо да продолжат со нормален раст и да достигнат соодветна големина, главиците остануваат ситни.

Појавата често укажува дека растението било изложено на стрес пред да развие доволно лисна маса и силен коренов систем.

Најчести причини се:

  • Недоволна снабденост со хранливи материи, особено азот во фазата на вегетативен раст.
  • Неправилен термин на расадување.
  • Прераснат или недоволно развиен расад.
  • Недостиг или вишок на вода.
  • Неповолни температури и конкуренција меѓу растенијата поради несоодветно растојание.

За да се намали ризикот, потребно е да се обезбеди правилен почетен развој на растенијата. Расадот треба да биде здрав и добро развиен, а пресадувањето да се изврши во соодветниот производствен период.

Растојанието меѓу растенијата треба да биде приспособено на сортата и системот на одгледување. Водниот режим треба да биде рамномерен, а ѓубрењето усогласено со потребите на културата и резултатите од анализата на почвата.

Треба да се избегнува и прекумерно ѓубрење со азот, бидејќи тоа може да предизвика неурамнотежен раст и да го наруши квалитетот на производството.

5. Раздвојување и пукање на главиците

Кај правилно развиениот карфиол, цветните делови се компактно збиени. Кога главицата почнува да се раздвојува, нејзината структура станува растресита, а поединечните групи цветови се одделуваат една од друга. Оваа појава може да биде поврзана со нерамномерниот воден режим, обилните врнежи во периодот на созревање и предоцната берба.

Како да се спречи?

Одржување рамномерна влажност на почвата е клиучно. На парцелите со слаба дренажа треба да се преземат мерки за подобрување на одведувањето на вишокот вода.

Посебно внимание треба да се посвети на времето на берба. Карфиолот треба да се бере кога главиците се доволно развиени, компактни и пред да започне нивното раздвојување. Во периоди со високи температури, честата контрола на насадот е особено важна, бидејќи квалитетот може брзо да се влоши.

6. Сушење и потемнување на врвовите на внатрешните листови

Кафеавите рабови на внатрешните листови, а понекогаш и на деловите од главицата, може да укажуваат на физиолошко нарушување познато како изгорување на врвовите. Една од можните причини е недоволната достапност на калциум во ткивата што брзо се развиваат. Сепак, симптомите може да се појават и при високи температури, нерамномерно снабдување со вода и прекумерно ѓубрење со азот. Присуството на калциум во почвата не значи автоматски дека растението го усвојува во доволна количина. Неговото движење во растението е тесно поврзано со водниот режим и транспирацијата.

Препорачани мерки:

  • Одржувајте рамномерна влажност на почвата.
  • Избегнувајте прекумерно ѓубрење со азот.
  • Следете ја температурата и применувајте соодветни мерки за намалување на топлотниот стрес.
  • Направете анализа на почвата, а по потреба и дополнителна процена на хранливиот статус на растенијата.

7. Појава на листови во главицата

Понекогаш, наместо компактна главица, меѓу цветните делови се појавуваат мали зелени листови. Ова го намалува пазарниот квалитет и укажува на нарушување на нормалниот развој на главицата. Најчести причини се високите температури во фазата на формирање на главицата и предоцната берба. Неповолните услови може да поттикнат продолжување на вегетативниот раст во делови каде што треба да се формира компактната цветна структура. За да се намали ризикот, потребно е правилно да се избере терминот на производство, да се одгледуваат сорти приспособени на локалните услови и да се следи развојот на главиците.

8. Зрнест изглед на главицата

Ова нарушување се препознава по појавата на ситни, издолжени и растресити цветни делови, поради кои главицата добива зрнест изглед, сличен на варен ориз. Наместо мазна и компактна површина, цветните пупки стануваат поизразени и почнуваат да се одделуваат. Појавата најчесто е поврзана со неповолни температурни услови во периодот на формирање на главицата, особено со високите температури. Може да придонесат и нерамномерната влажност, прекумерното ѓубрење со азот и предоцната берба.

Како да се намали ризикот?

Кличен е соодветниот термин на садење, одржување рамномерен воден режим и соодветно растојание меѓу растенијата.

9. Деформација на листовите

Деформираните листови, со издолжена и тесна форма и недоволно изразена лисна површина, може да укажуваат на нарушено усвојување на микроелементот молибден. Овој проблем е особено поврзан со киселите почви, каде што достапноста на молибденот за растенијата може да биде намалена. При посилен недостиг, се нарушува нормалниот развој на листовите, а може да биде попречено и формирањето на главицата.

Мерки за превенција и корекција:

Пред садењето, препорачливо е да се анализира почвата, особено нејзината pH-вредност. Доколку се утврди дека почвата е премногу кисела, корекцијата со варов материјал треба да се изврши врз основа на резултатите од анализата и препорачаните количини. При потврден недостиг на молибден, неговата примена треба да биде внимателно дозирана и усогласена со стручните препораки. Самото присуство на деформирани листови не е доволно за сигурна дијагноза, па затоа треба да се исклучат и други можни причини за нарушениот раст.

Наш совет

За да добиете квалитетни и добро развиени главици карфиол, започнете со анализа на почвата и внимателен избор на сорта и термин на садење. Не ги потценувајте температурните промени, бидејќи карфиолот е особено чувствителен на топлотен стрес во периодот на формирање на главицата.

Редовно следете ја влажноста на почвата, применувајте избалансирано ѓубрење и проверувајте го насадот во текот на целата вегетација. Кога ќе забележите деформации или промени во бојата, не брзајте веднаш со дополнително ѓубрење. Најнапред утврдете дали причината е недостаток на хранливи материи, неповолна температура, неправилно наводнување или предоцна берба.

Запомнете: здравата и компактна главица е резултат на правилни мерки во текот на целото производство, а не само на интервенциите непосредно пред бербата.