Со завршувањето на бербата не завршуваат и работите во насадот. Напротив, периодот по бербата е еден од најважните во производството на цреша, бидејќи токму тогаш дрвјата ги обновуваат резервите на хранливи материи и започнуваат со формирање на цветните пупки за наредната година.
Обилното плодоносење значително ги исцрпува дрвјата. Голем дел од резервите на јаглехидрати и минерални хранливи материи се искористени за формирање и зреење на плодовите, а високите летни температури и сушата дополнително го зголемуваат стресот. Доколку не се преземат навремени мерки, дрвјата ќе влезат ослабени во периодот на мирување, што може да резултира со послаб пораст, помал број цветни пупки и намален принос во следната сезона.
Проценка на состојбата на насадот
Грижата по бербата започнува со внимателен преглед на дрвјата. Потребно е да се провери дали има:
- пожолтување или избледување на листовите;
- сушење или оштетување на гранките;
- механички повреди и испукана кора;
- симптоми од болести;
- присуство на штетници или оштетувања од инсекти.
Покрај визуелниот преглед, се препорачува да се изврши анализа на почвата, а по можност и анализа на лист, со цел точно да се утврди состојбата со макро и микроелементите. Само врз основа на реалните потреби може да се изготви правилна програма за прихрана.
Прихрана по бербата
Периодот веднаш по бербата е најповолен за надополнување на хранливите резерви.
Добро избалансираната прихрана:
- го стимулира формирањето на цветните пупки;
- овозможува подобар развој на кореновиот систем;
- ја подобрува отпорноста на високи температури, суша и други стресни услови;
- придонесува за подобро презимување на дрвјата.
Во овој период акцентот треба да биде на фосфорот и калиумот, кои имаат важна улога во развојот на коренот, зреењето на леторастите и создавањето резервни материи. Доколку анализите покажат недостаток, треба да се обезбедат и потребните микроелементи, особено бор и цинк, кои имаат значајна улога во формирањето на цветните пупки. Прихраната може да се изведува почвено, фолијарно или со комбинација на двата начина, во зависност од состојбата на насадот и препораките добиени од анализите.
Наводнување
Иако бербата е завршена, потребата од вода останува висока. Во овој период наводнувањето овозможува:
- нормално одвивање на фотосинтезата;
- транспорт на хранливите материи;
- развој на нови корени;
- обновување на резервите на енергија.
Наводнувањето треба да обезбеди навлажнување на кореновата зона, без прекумерно задржување на вода. Во услови на високи температури и суша, режимот на наводнување треба да се прилагоди на типот на почвата и временските услови.
Добра практика е примена на органски мулч помеѓу редовите или околу дрвјата, при што треба да се остави растојание од најмалку 5–10 cm од стеблото. Малчирањето ја задржува влагата, ја намалува температурата на почвата, го ограничува развојот на плевелите и придонесува за подобра почвена структура.
Заштита од болести и штетници
По обилното плодоносење дрвјата се почувствителни на инфекции и напади од штетници. Редовниот мониторинг овозможува навремено откривање на симптомите и спроведување на соодветни мерки за заштита. Посебно внимание треба да се посвети на појавата на листни болести, бактериски заболувања, како и на штетници кои можат да го ослабат дрвото пред зимскиот период.
Резидба
Летната резидба е една од најважните мерки по бербата. Со неа се постинува следното:
- отстрануваат сувите, оштетените и заболени гранки;
- елиминираат гранките што се вкрстуваат или ја згуснуваат крошната;
- подобруваат осветленоста и проветреноста;
- намалува ризикот од развој на болести.
Резидбата најчесто се изведува веднаш по бербата или до крајот на летото. Не се препорачува отстранување на повеќе од 20% од крошната во една година, бидејќи прекумерната резидба може дополнително да го ослаби дрвото.
Подготовка за следната сезона
Периодот по бербата е вистинско време за планирање на следната производна сезона. Доколку е потребно, треба да се коригира реакцијата на почвата, да се надополни органската материја, да се планира основното ѓубрење и да се изврши сервисирање на системот за наводнување. Ваквите активности овозможуваат дрвјата подготвени да влезат во периодот на мирување и успешно да ја започнат новата вегетација.
Наш совет
Не дозволувајте завршувањето на бербата да биде и крај на грижата за насадот. Напротив, токму во овој период се поставуваат темелите за родот во следната година. Комбинацијата од анализа на почвата, правилна прихрана, редовно наводнување, навремена резидба и добра фитосанитарна заштита ќе им помогне на дрвјата побрзо да ги обноват резервите, успешно да формираат цветни пупки и да обезбедат стабилен и квалитетен принос во наредната сезона.




