Мерка 121 – Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства

Ruralen-razvoj-merka-121

Опис на мерката

ПОДДРШКАТА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ЗА МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ СТОПАНСТВА СЕ РЕАЛИЗИРА ПРЕКУ УНАПРЕДУВАЊЕ НА ФИЗИЧКИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО СТОПАНСТВО:

Целта на мерката 121 – „Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства“ е подобрување на целокупните резултати од работењето на земјоделското стопанство и достигнување на повисоки стандарди од минималните стандарди утврдени со законите од областа на земјоделството или новововедени стандарди од областа на земјоделството.

Инвестициите согласно оваа мерка се наменети за зголемување на ефикасноста на производството преку намалени трошоци за земјоделско производство и подобрување на квалитетот на земјоделско производство, и/или за достигнување на повисоки стандарди од минималните стандарди утврдени со закон или за достигнување на новововедени стандарди согласно со закон и тоа само за оние инвестиции кои се сметаат за дополнителни инвестиции за достигнување на минимални стандарди и не доведуваат до зголемување на производниот капацитет

Прифатливи инвестициони активности и прифатливи трошоци по инвестициони активности

Прифатливи се следниве инвестициони активности за мерка 121 со сите подмерки:

  • Набавка на повеќегодишни растенија
  • Градежни материјали и елементи за потпорна конструкција (вклучително и маркирни столбови) за подигнатиот нов насад
  • Услуги од трети лица за припрема на земјоделско земјиште за садење и садење на повеќегодишни растенија и
  • Услуги од трети лица за извршување на градежни работи и монтирање на елементите констукција на елементи и инсталирање на опремата
  • набавка на високостелни педигрирани јуници (со иклучок на јуници од расата Буша)
  • набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци (оригинални и репродуктивни)
  • набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла кози (оригинални и репродуктивни)
  • набавка на педигрирани чистокрвни или хибриди свињи (нерези и назимки)
  •  набавка на пчелни матици од одобрени одгледувалишта на пчелни матици
  •  набавка на трактори

Корисници

Општа дефиниција на корисник

За проектите од мерка 121 потенцијален корисник е земјоделско стопанство упишано во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со Закон за земјоделството и рурален развој по следниве основи:

Физички лица:
  • Индивидуален земјоделeц – носител на земјоделско стопанство вршител на земјоделска дејност согласно Закон за вршење на земјоделска дејност;
  • Индивидуален земјоделeц – носител на семејно земјоделско стопанство кој се стекнал со статус на осигуреник согласно Закон за пензиско и инвалидско осигурување;
  • Индивидуален земјоделeц – носител на земјоделско стопанство кој се занимава со земјоделство како дополнителна дејност;
  • Трговец поединец – регистриран согласно Закон за трговски друштва;
Правни лица:
  • Трговски друштва регистрирани согласно Закон за трговски друштва;
  • Земјоделски задруги – регистрирани согласно Закон за задруги;

Начин на ко-финансирање

Општи принципи

Финансирањето од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој се врши врз основа на одобрено барање за користење средства од Програмата и склучен Договор за финансиска поддршка за одобрена инвестиција. Исплата на средства се врши по целосна реализација на инвестицијата согласно условите и критериумите за финансиска поддршка. Корисникот на Програмата во целост е одговорен за реализација на одобрената инвестиција.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на реализирани и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци.

Ставката на ко-финансирање се зголемува во одредени случаи, и изнесува:

  • 55% од вредноста на одобрената инвестиција, за инвестиции поднесени од носител на земјоделско стопанство од 18 години старост до 40 години старост на денот на поднесување на инвестицијата;
  • 60% од вредноста на одобрената инвестиција, за инвестиции во земјоделско стопанство кое се наоѓа во подрачје со ограничени можности;
  • 65% од вредноста на одобрената инвестиција, за инвестиции поднесени од носител на земјоделско стопанство од 18 години старост до 40 години старост на денот на поднесување кое се наоѓа во подрачје со ограничени можности.
  • 75% за инвестиции во недостапни рурални заедници
Останати принципи
  • Принцип на единечно финансирање – Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој  финансира типови на инвестиции кои не се финансираат од други грант фондови, од Буџетот на Република Северна Македонија или други фондови од донаторски или финансиски институции, а се со цел да се избегне двојно финансирање на самата инвестиција.
  • Принцип на грант – Поддршката по овој основ подразбира доделување на неповратни финансиски средства (грант) од Буџетот на Република Северна  Македонија.