
Инвестиции во пазарна инфраструктура за постбербени активности
Упатството вклучува и објаснување по однос на процесот на доставување на документи, обработка на барањата, потпишување на договори, контрола на лице место и реализација на инвестициите.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на реализирани и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 100% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци, но не повеќе од 7.000.000,00 денари.
Прифатливи инвестиции
Согласно програмата за финансиска поддршка на руралниот развој прифатлива е следната инвестиција:
- Инвестиција во пазарна инфраструктура за постбербени активности
Прифатливи трошоци за инвестиции во:
- Набавка на градежни материјали и елементи за конструкција/реконструкција на објекти за прием, подготовка и складирање;
- Опрема за утврдување и контрола на квалитет на производите;
- Опрема за означување и пакување;
- Услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни и електрификациски работи;
- Услуги од трети лица за изработка на студии, елаборати, планска, техничка и градежна документација;
Максимална вредност на прифатлива инвестиција
Максимална вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува до 7.000.000,00 денари.
Корисници
Потенцијални корисници за Мерка 123 – Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи, подмерка – инвестиции во пазарна инфраструктура за постбербени активности се единиците на локалната самоуправа, јавни инвестиции од страна на државни субјекти или јавно приватно партнерство.
Начин на ко-финансирање
Општи принципи
Финансирањето од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој се врши врз основа на одобрено барање за користење средства од Програмата и склучен Договор за финансиска поддршка за одобрена инвестиција. Исплата на средства се врши по целосна реализација на инвестицијата која мора да е во согласност со Договорот за финансиска поддршка.
Корисникот на Програмата во целост е одговорен за реализација на одобрената инвестиција.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на финансирање на завршени инвестиции од страна на корисникот во висина од 100% за мерка 123 од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестицијата. Средствата од финансиската поддршка по барање на корисникот може да се доделат на две рати или согласно со фазите на реализација на инвестицијата врз основа на на времени ситуации од надзор или документација за набавка на опрема.
Напомена: Eдиниците на локалната самоуправа после потпишување на договор за финансиска поддршка со АФПЗРР, обврзани се да спроведат јавна набавка за планираната инвестиција во согласност со Законот за јавни набавки.
Доделената финансиска поддршка е неповратна .
Останати принципи
- Принцип на единечно финансирање – Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој финансира типови на инвестиции кои не се финансираат од други грант фондови, од Буџетот на Република Северна Македонија или други фондови од донаторски или финансиски институции, а се со цел да се избегне двојно финансирање на самата инвестиција.
- Принцип на грант – Поддршката по овој основ подразбира доделување на неповратни финансиски средства (грант) од Буџетот на Република Северна Македонија.
- Принцип на видливост – Корисникот е должен во рок од 5 години од денот на исплатата на средствата од оваа програма, да има истакнато налепница или натпис на инвестицијата со која означува дека инвестицијата е кофинасирана со средства од Програмата. АФПЗРР ги доделува налепниците и натписите на корисникот заедно со решението за исплата. Доколку настане оштетување на истите, корисникот е должен да ја извести АФПЗРР при што контролорите ќе извршат увид ќе доделат нова ознака.
